Дома Добродојдовте на www.berovo.com Панорама од Берово Св. Архангел Михаил Св. Богородица Есенски бои во Малешевијата
Насловна 
Историја 
Култура 
Фотоалбум 
Спорт 
Хумор 
Дискусии 
Chat 
Guestbook 
Download 
MP3 
Kонтакт 
Временска
прогноза
 
Карти од Малешевијата
 
Историја
 

МАНАСТИРОТ "СВ. АРХАНГЕЛ" ВО БЕРОВО ИМА СВОЈА ЛЕГЕНДА

Евгенија се фрлила во Дојранско езеро за да не стане анама
Беровчани во турско време решиле да градат црква. За да ја изградат црквата прво требало да бараат одобрение од валијата во Солун."Може да изградите црква, рекол валијата, но треба да исполните три услови.

Св. Архангел Михаил

Манастирот "Св. Архангел" што се наоѓа во Берово е единствениот манастир кај нас во кој непрекинато се одвива монашки живот веќе 153 години, токму онолку колку што се стари и конаците. Манастирот е женски, а монаштвото го започнала сестра Евгенија во 1848 година. За изградбата на црквата "Св. Богородица" и зачетоците на сестринството во манастирот, во Берово се раскажува легенда за која дури и црквата вели дека е вистинска случка. А приказната е ваква:
Беровчани во турско време решиле да градат црква. За да ја изградат црквата прво требало да бараат одобрение од валијата во Солун. Знаејќи го ова се собрале богатите семејства од градот, се советувале и пратиле претставник кај валијата, со молба да им даде дозвола да градат црква. Пратеникот стигнал во Солун, му ја пренел молбата на валијата, а овој пак откако размислил му рекол : "Може да изградите црква, но треба да исполните три услови. Едниот е црквата да биде готова за четириесет дена. Вториот, да ја изградите пониско од патот за да не се забележува, а третиот е на четириесетиот ден, кога ќе биде изградена црквата да ми ја дадете најмалата попова ќерка, да се потурчи и да ми биде анама". Пратеникот откако го ислушал валијата, му кажал дека ќе го пренесе аберот и си тргнал назад. Кога стигнал во Берово граѓаните се собрале околу него да слушнат што кажал валијата. Човеков им раскажал се што се случило и им ги кажал условите на валијата. Тогаш видните граѓани повторно се собрале да се советуваат што да сторат. За првите два услова веднаш се согласиле дека ќе ги исполнат, но не знаеле како да го исполнат и третиот услов. Тогаш попот кажал дека девојката се согласила и дека и тој ја дава за да може да се изгради црквата. Со ваквите одлуки пратеникот повторно отишол во Солун кај валијата. Му кажал дека беровчани се согласни со трите услови и го добил одобрувањето за изградба на црквата. Во градот почнале да ја градат црквата и навистина таа била готова за четириесет дена, а ја изградиле пониско од патот за да не се гледа. На четириесеттиот ден стигнал карванот со војска испратен од валијата да ја земе најмалата попова ќерка. И навистина таа тргнала со нив накај Солун. Но, намерата на девојката не била да стигне кај валијата, па затоа кога карванот дошол до Дојранското езеро, девојката скокнала од коњот и се фрлила во водата. Војската, мислејќи дека девојката се удавила, побрзала да стигне кај валијата и да му каже што се случило. Но, поповата ќерка не била мртва. Ја нашол некој овчар што го пасел стадото во близина на Езерото и ја зел кај него. Девојката морала да се крие за да не дознае валијата дека е жива, па затоа не се вратила дома туку останала кај овчарот. Кај него живеела осумдесет или деведесет дена, а тогаш се расчуло низ земјата дека некој го убил валијата. Девојката најпосле била слободна и се вратила во Берово, а кога стигнала отишла право во манастирот и таму се замонашила.
Таа девојка била Евгенија, првата монахиња во "Св. Архангел". Во манастирот живеела долги години, го основала сестринството, а кога починала од длабока старост ја закопале во дворот на манастирот.
Гробот на сестра Евгенија и ден денес е во манастирскиот двор. По традицијата на Евгенија таму се и гробовите на сите останати монахињи што живееле тука. Во манастирот од неговото создавање до денес живееле 110 монахињи. Во 19. век кога почнала да се создава сестринската заедница монахињите живееле од милоста на беровчани. Сестринството се повеќе се проширувало и монахињите почнале да се грижат сами за себе и да произведуваат. Со тоа почнал да се зголемува и имотот на манастирот. Во манастирот биле изградени воденици, фурни за печење леб и за печење сливи. Монахињите почнале да одгледуваат и крупен и ситен добиток па така биле изградени штали и трла. Во манастирот сестринството произведувало производи за живот се до Втората светска војна кога и сестринството почнало да се намалува, а изградените објекти останале да стојат како сведоци на минатото.
Денес повторно се активира монашкиот живот, а во манастирот живеат три монахињи: сестра Макрина, која е и игуменка, сестра Михаела и сестра Параскева и една искушеничка Љубица. Во манастирот се живее вистински монашки живот. Малото сестринство ги поминува деновите во мир и тишина, во секојдневни молитви, скриено од погледите на луѓето. Сестрите дури не излегуваат и кога ќе дојдат посетители. Може да се видат само во црквата на редовните дневни молитви или пак случајно во дворот додека вршат некоја работа. Останатото време го поминуваат во манастирските конаци, а таму пак има соби кои се затворени и обичниот човек не може да влегува. Во манастирот само во одреден дел од конаците може да се влезе. Така се случиу кога бевме во манастирот. На чардаците од конаците излезе една од сестрите и ни рече: "Таму не смее да се оди. Може да одите во црквата и низ дворот на манастирот". Откако го кажа тоа се повлече внатре во собите исто толку нечујно како што се појави и на чардакот.
"Св. Архангел" е влезен во програмата на Светска банка за развој на културен, а пред се манастирски туризам во Берово. Во манастирот има доволно простор каде можат да доаѓаат и да се сместуваат туристи. Со овој проект се предвидува да бидат реновирани двете постоечки воденици во кои кога некогаш сестринството било бројно се мелело и брашно. Повторно ќе бидат изградени шталите и трлата за во нив да се чува добиток, а ќе биде реконструирана и пиланата на вода, во народот позната како чарк. Туристите што ќе го посетуваат манастирот ќе можат да гледаат како некогаш се живеело, како се мелело брашното, месел и печел лебот, како се варела ракија или пак како се обработувало дрвото со пили што ги движи водата.
Во кругот на манастирот е и историскиот Музеј. Поставките во Музејот се од предилинденскиот период, времето од 1876 - 1878 година. Ова е времето кога во Малешевијата биле кренати двете големи востанија Разловечкото и Кресненското. Во Музејот има спомен соби на Дедо Иљо Малешевски и Никола Петров Русински. Во манастирскиот двор неодамна се вршени и археолошки ископувања при што биле откриени петнаесет големи дупки во кои се складирала храна. Складовите или како што ги викаат "старински фрижидери" длабоки се околу 15 метри, а широки од еден и пол до два метри. Еден од овие складови е конзервиран, засведен со настрешница и оставен како атракција за посетителите на манастирот.
Е.Оровчанец- Спироска

КОПАНИЧАРСТВО
 
РАДИОАМАТЕРСТВО

Подржете ја оваа страна со клик врз рекламите

Рекламен
простор